Shopping cart

Free Shipping for all orders over $200

Big Dumbbells
$120.00 x2
Vitamin Bottle
$80.00 x2

Subtotal:

$113.00
  • Следете нѐ:

MK

|

SQ

disabled_visible

Корисни информации

Регионална анестезија: Како функционира и кога се користи?

Регионалната анестезија е вид на анестезија при која болката се блокира само во одреден дел од телото, додека пациентот останува буден или лесно седиран. Наместо целосно губење на свеста, како кај општата анестезија, регионалната анестезија овозможува пациентот да не чувствува болка во делот од телото каде што се изведува процедурата. Денес оваа техника е многу често користена бидејќи овозможува добра контрола на болката, побрзо закрепнување и помал ризик од одредени несакани ефекти.

За многу пациенти самата помисла да бидат будни за време на операција може да предизвика анксиозност. Сепак, важно е да се знае дека регионалната анестезија најчесто се комбинира со лесна седација, што значи дека пациентот е релаксиран,
поспaн и често има многу мало или никакво сеќавање на самата процедура.

Како функционира регионалната анестезија?
Регионалната анестезија функционира така што анестетичкиот лек се аплицира околу нервите што ја пренесуваат болката од одреден дел од телото. На тој начин привремено се прекинува преносот на болни импулси до мозокот. Пациентот може да чувствува допир или притисок, но не и болка.

Овој вид анестезија најчесто се користи при:

  • операции на нозе, колкови или колена
  • царски рез
  • уролошки и гинеколошки процедури
  • операции на раце и рамена
  • контрола на болка по операција
  •  

Типови на регионална анестезија

Постојат неколку главни типови на регионална анестезија, а најпознати се спиналната, епидуралната и периферните нервни блокови.

1.Спинална анестезија
Спиналната анестезија се изведува со инјектирање на анестетик во течноста околу ‘рбетниот мозок, најчесто во долниот дел на грбот. Таа брзо делува и овозможува целосна безболност од половината надолу. Многу често се користи при царски рез, операции на колкови или ортопедски процедури. Пациентот останува буден, но не чувствува болка во долниот дел од телото.

2.Епидурална анестезија
Епидуралната анестезија е слична техника, но лекот се аплицира во простор околу рбетот преку мал катетер. Ова овозможува континуирано додавање на лекови и подолготрајна контрола на болката. Епидуралната анестезија е особено позната по употребата при породување, но се користи и кај големи операции за подобра постоперативна аналгезија особено кога се оперира во пределот на абдоменот.

3.Периферните нервни блокови
Периферните нервни блокови се користат за блокирање на болката во конкретен екстремитет или дел од телото, како рака, рамо или нога. Анестетикот се дава околу специфичен нерв или група нерви, често со помош на ултразвук за поголема
прецизност.

Бенефити и компликации од регионалната анестезија
Една од најголемите предности на регионалната анестезија е тоа што пациентот избегнува целосно успивање и дел од несаканите ефекти поврзани со општата анестезија. Закрепнувањето често е побрзо, а болката по операцијата подобро контролирана.

Најчестите придобивки вклучуваат:
  • помал ризик од мачнина и повраќање
  • подобра контрола на болката по процедурата
  • помала потреба од силни аналгетици и опиоиди
  • побрзо враќање на нормално дишење и движење
  • помал стрес за организмот кај постари пациенти или лица со хронични заболувања

Иако регионалната анестезија е многу безбедна, нормално е пациентите да имаат одредени грижи. За време на апликацијата може да се почувствува краткотраен притисок или непријатност во грбот или екстремитетот, но самата процедура најчесто не е болна бидејќи кожата претходно се обезболува.

По анестезијата, делот од телото може да остане вкочанет или „тежок“ неколку часа. Ова е нормално и постепено исчезнува кога лекот ќе престане да делува.

Најчести краткотрајни несакани ефекти се:

  • привремена слабост или трнење во екстремитетот
  • пад на крвен притисок
  • главоболка (особено по спинална анестезија)
  • болка или чувствителност на местото на инјекција
  • потешкотии со мокрење во првите часови

Сериозни компликации се ретки, особено кога процедурата ја изведува искусен анестезиолог. Пред анестезијата пациентот секогаш се проценува внимателно, а лекарот прашува за:

  • лекови што пациентот ги користи
  • проблеми со коагулација
  • алергии
  • инфекции
  • претходни искуства со анестезија

Кај некои пациенти регионалната анестезија не е соодветна, на пример кај лица со одредени нарушувања на коагулацијата, инфекции во регијата на апликација или одредени невролошки заболувања.

Подготовката пред регионална анестезија е слична како и за другите процедури. Пациентите често добиваат инструкции да не јадат и пијат одреден период пред операцијата и да ги следат упатствата за лековите што ги користат.

Регионалната анестезија денес претставува важен дел од модерната хирургија и управувањето со болка. За многу пациенти таа нуди побезбедно и покомфорно искуство со побрзо закрепнување. Разговорот со анестезиологот пред процедурата е најдобар начин пациентот да разбере што да очекува и да се чувствува посигурно и помирно.

  1.  Mayo Clinic. 2024. “Regional Anesthesia: Types, Benefits and Risks.” Rochester, MN: Mayo Foundation for Medical Education and Research. Retrieved December 2025 (https://www.mayoclinic.org/tests-procedures/anesthesia/about/pac-20384568).
  2. Cleveland Clinic. 2024. “Regional Anesthesia: What It Is and How It Works.” Cleveland, OH. Retrieved December 2025 (https://my.clevelandclinic.org/health/treatments/axillary-block).
  3. American Society of Anesthesiologists (ASA). 2024. “Regional Anesthesia and Pain Management.” Schaumburg, IL. Retrieved December 2025 (https://www.asahq.org/whensecondscount/anesthesia-101).

Средна оцена:

3 (126 гласа)

Вашата оцена е евидентирана!