Shopping cart

Free Shipping for all orders over $200

Big Dumbbells
$120.00 x2
Vitamin Bottle
$80.00 x2

Subtotal:

$113.00
  • Следете нѐ:

MK

|

SQ

disabled_visible

Здравствени состојби и интервенции

Кои се знаците на дијабетес?

Дијабетот/дијабетесот е хронично незаразно заболување кое на светско ниво погодува повеќе од 10 % од вкупното население во светот. Заедничка карактеристика на сите типови на дијабетес е несоодветното регулирање на нивото на гликоза или „шеќер“ во крвта, кое доколку не се препознае и третира соодветно доведува до оштетување на бројни ткива и органи во организмот, што резултира со инвалидитет и скратување на очекуваниот животен век.

Постојат повеќе типови на дијабетес, од кои убедливо најчест е тип 2 дијабетес  на когo отпаѓаат преку 90% од вкупните случаи. Tип 2 дијабет е метаболно заболување за чија појава се одговорни низа од можни причинители; генетски фактори, промени во начинот на живот, неквалитетна исхрана, штетни навики – пушење цигари и прекумерна консумација на алкохол, дебелина, недостаток од физичка активност. Овој тип на дијабет е глобален јавноздравствен проблем, а особено загрижуваат податоците за негова појава кај младата популација иако до неодамна важеше за болест на повозрасното население.

Штетните последици од дијабетот може да се намалат преку преземање на превентивни мерки за тип 2 дијабет и негово рано препознавање, како и соодветна грижа за сите типови на ова заболување. Овие мерки значително им помагаат на луѓето кои живеат со дијабет да го избегнат или барем да го одложат настанувањето на штетни последици и компликации од дијабет.

 
Препознај ги знаците на дијабетот

За дијабетот се вели дека е подмолна болест бидејќи неговите симптоми се неспецифични, а многу често, особено кај тип 2, тие целосно изостануваат. Тоа води кон задоцнето дијагностицирање. До моментот на препознавање на дијагнозата, многу често, веќе се случиле некои првични оштетувања на ткивата и органите поврзани со долготрајното нерегулирано високо ниво на гликоза во крвта.

 
Нагли варијации во телесната тежина

Губење значаен процент од телесната тежина често се случува кај пациенти особено со дијабет тип 1 бидејќи кај нив поради недостатокот на природно произведен инсулин од панкреасот се оневозможува влез на гликозата во клетките, па тие „гладуваат“. Поради недостаток на нивниот основен извор на енергија пациентите може нагло да изгубат тежина бидејќи е отежнето одвивањето на основните метаболни процеси. Спротивно на ова, доколку високото ниво на шеќер во крвта не се искористи за исхрана на клетките, нашето тело има механизам вишокот гликоза да го претвори во масти и така да го складира како залиха на енергија.

 
Замор и исцрпеност

Клетките во телото го користат инсулинот за да ја внесат гликозата од крвта во себе и да ја искористат за производство на енергија. Кај луѓето со дијабетес, каде панкреасот не создава доволно инсулин или телото не може правилно да го искористи инсулинот, се јавува вишок на гликоза во крвта. Поради тоа, клетките страдаат за извор на храна и енергија. Овој глад на клетките се манифестира како замор, конфузност и поспаност кај човекот.

 
Зголемена жед

Високото ниво на гликоза во крвта ги оптоварува бубрезите кои мора да филтрираат повеќе крв и да произведат повеќе урина трудејќи се да се справат со вишокот гликоза во телото. Гликозата е осмотски активна, што значи дека врзува вода, па кога телото го исфрла вишокот (гликоза), со неа се губи и значителна количина на течност односно вода која ја повлекува од ткивата, оставајќи ги дехидрирани. Оваа клеточна дехидрираност ја регистрира мозокот. Тогаш тој дава сигнали да се зголеми внесот на вода, односно стимулира жед и потреба од пиење повеќе течности.

 
Зачестено мокрење

Нашиот организам има механизам да се справи со вишокот на гликоза во крвта на тој начин што ја елиминира преку бубрезите, односно се исфрла во урината. Сепак, долготрајното филтрирање на високите концентрации на гликоза со цел да се отстранат од крвта има сериозни последици. Тоа води до неповратно оштетување на чувствителните капиларни структури на бубрезите и постепено води до бубрежна болест која е една од најчестите компликации на дијабетот. Оваа состојба може да заврши дури и со потреба од дијализно лекување.

 

Чести, повторувачки инфекции и бавно заздравување на раните

Страдањето на малите крвни садови од покаченото ниво на шеќер во крвта води до отежнато заздравување на раните и повредите. Екстремно нерегулираниот шеќер со години наназад е најчеста причина за појава на гангрена. Оваа состојба (гангрената) нема друг начин за третирање освен со ампутации на прсти, стапала и потколеници, со што станува и причина за траен инвалидитет.

 
Заматен вид

Очната леќа е составена од вода и протеини кои ја прават чиста и способна да пропушта светлина, со што се фокусира погледот и се добива јасна слика. Лошата регулација на гликозата, односно наглите варијации (покачувања или падови) се одразуваат и врз волуменот на очната леќа, со што доаѓа до заматување на видот.

 
Трпнење на дланките и стапалата

Оштетувањето на нервите и периферната циркулација се манифестира како трпнење или чувство како лазење на мравки по рацете и нозете. За среќа, денес се достапни лекови кои успешно помагаат во справување со оваа компликација од дијабетот, но клучно е раното препознавање, дијагностицирање и отпочнување со терапија.

Средна оцена:

3 (194 гласа)

Оцени: