Shopping cart

Free Shipping for all orders over $200

Big Dumbbells
$120.00 x2
Vitamin Bottle
$80.00 x2

Subtotal:

$113.00
  • Следете нѐ:

MK

|

SQ

disabled_visible

Здравствени состојби и интервенции

Предијабет: што значи позитивна дијагноза и какви мерки треба да се преземат

Сè повисоката инциденца на дијабет, а со него неизбежното почесто и порано појавување на пред– дијабет, е данокот кој го зема модерниот начин на живот во развиениот свет каде се помалку се има време за физичка активност, а исхраната станува брза и нездрава. За многумина добивањето на дијагноза, дека се наоѓаат во состојба на предијабет, е алармот кој им бил потребен да преземат радикални промени и повторно да воспостават контрола врз своето здравје преку менување на начинот на живот, подобрување на исхраната и откажување од штетните навики. И покрај тоа што се смета дека преку 70% од случаите на предијабет евентуално ќе се развијат во дијабет тип 2, тоа не значи дека оваа трансформација е неизбежна. Всушност, во фазата на предијабет штетата која ја направиле покачените нивоа на гликоза е сè уште мала и реверзибилна, што е огромна мотивација за лицата со предијабет да направат промени кај себе со цел зачувување на своето здравје.

Ова се најважните мерки кои треба да ги преземат лицата во предијабет за да го одложат или целосно стопираат развојот на дијабет тип 2:

Контрола на дебелината
 
Покачената телесна тежина е докажан ризик фактор не само за развој на дијабет, туку и за бројни други метаболни заболувања, па дури и за одредени типови на рак. Кај лицата со прекумерна тежина има значајно поголема појава на инсулинска резистенција, односно состојба каде и покрај тоа што се лачи доволно инсулин, клетките на телото не го „препознаваат“ и гликозата не може да влезе во клетките туку останува во крвта. Дури и релативно мало намалување на тежината, околу 7% од првобитната тежина влијае позитивно кај предијабетот и ја намалува инсулинската резистенција. Доколку се работи за дебелина која не може да се менаџира само со промена на исхраната и физичка активност, таа состојба може да се поправи во ендокринолошките центри за дебелина или со баријатриска хируршка операција.
 
Промена во исхраната
 
За лицата во предијабет е клучно да се исклучат или барем значително да се намалат намирниците кои се богати со прости јаглехидрати односно намирници кои имаат висок гликемиски индекс (десерти, слатки, сокови со шеќер, бел леб, производи од бело брашно и слично). Кога се јаде овој тип на храна, предизвикува нагли скокови на нивото на шеќерот во крвта, по што следат и големи падови, а овие осцилации не се поволни за лачењето на инсулинот. Идеално е да се одржува нивото на шеќер во крвта што е можно постабилно во текот на денот со минимални варијации, а тоа се постигнува со внесување на намирници кои се богати со протеини, растителни влакна, сложени јаглехидрати и големи количини на листести зеленчуци.
 
Физичка активност
 
Движењето и активноста го стимулираат согорувањето на шеќерот бидејќи тој е примарен извор на енергија за сите процеси во организмот. Погрешно е мислењето дека физичката активност треба да е што понапорна и подолготрајна. Всушност, најважно е да се одржува континуитет и да се промени целиот концепт околу создавање на здрави животни навики. Наједноставната физичка активност која е достапна за сите каде и да се наоѓаат а не бара никакви вложувања и може да се изведува било каде , е пешачењето. Умерената физичка активност во форма на прошетки или пешачење би требало да трае околу 30 – тина минути дневно, односно на неделно ниво да има најмалку 150 минути пешачење. Движењето помага и со надминување на големите скокови на шеќерот во крвта непосредно по оброци, па затоа се препорачува по обилен оброк наместо мирување или спиење да се направи една кратка прошетка од околу десет минути за што поефикасно искористување на храната која штотуку е изедена.
 
Намалување на штетните навики
 
Луѓето кои пушат имаат зголемен ризик да развијат дијабет. Овој ризик пропорционално се зголемува со бројот на цигари испушени дневно. Причината за ова е тоа што повисоките концентрации на никотин во крвта ја намалуваат чувствителноста на клетките кон гликозата од крвта. Дијабетичарите се особено чувствителни на чадот од цигарите, кој дополнително го отежнува менаџирањето на дијабетот. Високото ниво на шеќер во крвта влијае негативно на циркулацијата, а неа дополнително ја влошува пушењето кое штетно влијае на крвните садови. Затоа, една од најважните промени кои треба да ги направат луѓето со зголемен ризик за дијабет е да се откажат од цигарите, или во најмала рака сериозно да го редуцираат бројот на испушени цигари дневно. Дополнително треба да избегнуваат околина каде има многу чад од цигари, особено во затворени простории.
 
Алкохол
 
И покрај тоа што алкохолот е социјално прифатен, па дури и дел од многу традиции ширум светот, СЗО предупредува дека не постои ниво на испиен алкохол кое е безбедно и без ризик.  Кај лица кои се во предијабет и кај дијабетичари алкохолот е посебно ризичен бидејќи може да предизвика брз пораст на шеќерот во крвта, а потоа и негов брз пад односно хипогликемија која е животно загрозувачка состојба и која може и да не се препознае навремено бидејќи симптомите на хипогликемија (збунетост, препотување, губење на свест) често се слични на симптомите на алкохолизираност со што може да не се укаже соодветна помош навремено. За лицата во предијабет би било најдобро целосно да се откажат од консумирањето алкохол или барем да го сведат на минимум и само во посебни прилики. Никако не смее да се претерува со пиење преголеми количини. Особено е потребно да се избегнуваат пијалоци кои покрај алкохолот содржат и високи нивоа на шеќери – разни ликери, десертни вина и коктели.
 

 

  1. American Diabetes Association. Diagnosis and Classification of Diabetes Mellitus, Diabetes Care 2008;31(Suppl. 1):S55–S60
  2. Khaodhiar L, Cummings S, Apovian CM. Treating Diabetes and Prediabetes by Focusing on Obesity Management, Curr Diab Rep. 2009
  3. Kahn BB, Flier JS. Obesity and Insulin Resistance, J Clin Invest. 2000
  4. U.S. Department of Health and Human Services (USDHHS). Let’s Make the Next Generation Tobacco– Free: Your Guide to the 50th Anniversary Surgeon General’s Report on Smoking and Health (Consumer Booklet). Atlanta, GA:
  5. U.S. Department of Health and Human Services, Centers for Disease Control and Prevention, National Center for Chronic Disease Prevention and Health Promotion, Office on Smoking and Health; 2014.
  6. Baliunas DO, Taylor BJ, Irving H, Roerecke M, Patra J, Mohapatra S, Rehm J. Alcohol as a Risk Factor for Type 2 Diabetes: A Systematic Review and Meta– Analysis, Diabetes Care 2009
  7. Alvarez S, Coffey R, Mathias PM, et al. Prediabetes. [Updated 2023 Jul 17]. In: StatPearls [Internet]. Treasure Island (FL): StatPearls Publishing; 2024 Jan– . Available from: NCBI
  8. Klatsky AL: Alcohol, Cardiovascular Diseases and Diabetes Mellitus, Pharmacol Res 2007

Средна оцена:

3 (179 гласа)

Оцени: