Shopping cart

Free Shipping for all orders over $200

Big Dumbbells
$120.00 x2
Vitamin Bottle
$80.00 x2

Subtotal:

$113.00
  • Следете нѐ:

MK

|

SQ

disabled_visible

Нутриција

Прехранбени совети за висок крвен притисок: храна која поддржува нормален крвен притисок и заменa за сол

Хипертензија, позната и како висок крвен притисок, е чест здравствен проблем кој го зголемува ризикот од срцеви заболувања, мозочен удар и други компликации. Добрата вест е дека исхраната може да игра клучна улога во регулирањето на крвниот притисок.

Исхраната која поддржува нормален крвен притисок се базира на овошје, зеленчук и полнозрнести житарки, а вклучува и млечни производи со низок процент на масти, риба, живина, мешункасти плодови и јатки. Препорака е да се избегнува храна со висок процент на натриум, односно сол, како и додаден шеќер и заситени масти, како што се масно месо и полномасни млечни производи.

Храна која поддржува нормален крвен притисок

  1. Овошје и зеленчук
    • Банани, портокали, домати, брокула, тиква, цвекло и друго овошје и зеленчук, кои содржат корисни влакна и антиоксиданси, содржат калиум кој помага во одржување на нормален крвен притисок.
    • Бобинки: Боровници, јагоди и малини се богати со минерали, витамини и антиоксиданси кои го поддржуваат здравјето на крвните садови.
    • Листест зеленчук: Спанаќ, зелка и блитва се богати со магнезиум и калиум, кои се важни за балансирање на електролитите во телото и нормален крвен притисок.
  2. Полнозрнести житарки
    • Овесни снегулки, јачмен, кафеав ориз (полнозрнест) и интегрален леб се одличен извор на витамини од групата Б како и растителни влакна, од кои посебно ефективни се бета-глуканите од овес и јачмен, кои помагаат во намалување на холестеролот во крвта.
  3. Јатки и семки
    • Бадеми, ореви и семки од сончоглед, тиква или лен се богати со здрави масти и минерали. Истражувањата покажале дека редовната консумација на ореви помага во подобрување на еластичноста на крвните садови.
  4. Млечни производи со низок процент на масти
    • Јогурт и млеко со низок процент на масти содржат калциум кој е важен за нормално функционирање на мускулите, а со тоа и на срцето.
  5. Риба богата со омега-3 масни киселини
    • Пастрмка, лосос, туна и сардини содржат здрави масти кои се потребни за телото и можат да го намалат воспалението во организмот, да го поддржат здравјето на крвните садови и да помогнат во одржувањето на нормален крвен притисок.

Зошто да го намалите внесот на сол?

Прекумерниот внес на сол е еден од главните фактори за зголемен крвен притисок. Солта содржи натриум, а преголеми количини натриум задржуваат вода во телото, што го зголемува оптоварувањето на крвните садови и срцето. Светската здравствена организација препорачува внес на сол од помалку од 5 грама дневно (околу една кафена лажичка). Сепак, повеќето луѓе консумираат многу повеќе, често несвесно, преку преработена храна. Најмногу сол внесуваме преку консумирање на леб и пецива, солени закуски (чипс, стапчиња, солени кикирики), сувомесни производи, тврди сирења, намази, сосови, супи од кеса.

Здрави замени за сол

Ако сакате да го намалите внесот на сол, еве неколку едноставни совети:

  1. Зачини и билки: Наместо поголеми количества сол, користете зачини и билки како босилек, оригано, темјан, рузмарин или копар. Куркума и ѓумбир исто така додаваат интензивен вкус на јадењата.
  2. Сок од лимон или лимета: Додавањето малку лимонов сок може да го подобри вкусот на зеленчукот, салатите и рибата.
  3. Лук и кромид: Нивниот природен, интензивен вкус може да ја намали потребата за пресолување на јадењата.
  4. Оцет: Јаболков, балсамико или вински оцет може да даде интересен вкус на јадењата како што се салати или маринади.

Клучни промени во начинот на живот за регулирање на крвниот притисок:

  • Приготвување на оброци дома: Готвењето на домашно приготвени оброци ви овозможува контрола над количината на сол и изборот на здрави состојки.
  • Читање на декларации: Избирајте производи со ознака „намалена содржина на сол“ и внимавајте на скриените извори на натриум во преработената храна.
  • Постепено намалување на солта: Ако сте навикнати на солена храна, постепено намалувајте ја солта за да го прилагодите вашиот вкус.

Промената на прехранбените навики може значително да придонесе за намалување на крвниот притисок и зачувување на здравјето. Мали промени денес, може да донесат голема корист за вашето срце и крвни садови утре. Консултирајте се со лекар или нутриционист за прилагодени совети кои одговараат на вашите индивидуални потреби.

Средна оцена:

3 (65 гласа)

Оцени: