Shopping cart

Free Shipping for all orders over $200

Big Dumbbells
$120.00 x2
Vitamin Bottle
$80.00 x2

Subtotal:

$113.00
  • Следете нѐ:

MK

|

SQ

disabled_visible

Нутриција

Прехрана на онколошки болни: совети за исхрана за време на и по третманот

Прехраната за лица кои боледуваат од рак, низ целиот тек на болеста има особено значајна улога и е важен фактор во квалитетот на животот на болните. Обично се базира на општи препораки за балансирана исхрана, со одредени специфичности во зависност од типот на болеста, начинот и фазата на лекување.

Правилната прехрана и одржување на соодветна телесна тежина пред, за време и по лекувањето ќе му помогнат на организмот да ја одржи силата, да го намали ризикот од инфекции и да ја овозможи потребната динамика на лекувањето, со полесно поднесување на придружните симптоми.

Онколошките болни треба да внесуваат 30-35 kcal/кг телесна маса дневно (20-25 kcal/кг телесна маса ако пациентот е неподвижен) и 1,2-2 g протеини/кг телесна маса, за да се спречи губење на тежина и недостаток на нутриенти.

Совети за прехрана за време на лекувањето

Без разлика дали се работи за операција, хемотерапија или зрачење (радиотерапија), секоја форма на лекување на рак може значително да влијае на нутритивните потреби на пациентот, да ги наруши прехранбените навики и да има несакани ефекти на дигестијата и апсорпцијата на хранливите материи.

Еден од најчестите проблеми за време на лекувањето е губењето на апетит, па овие препораки за внесување храна можат да бидат тешко остварливи. Губењето на апетит може да трае еден или два дена, а може да биде присутно и цело време во текот на лекувањето, што води до губење на телесната маса, слабост и замор. Се јавуваат и други несакани ефекти, како што се гадење, повраќање, промени во вкусот и мирисот, проливи, запек и други.

За да се надминат потешкотиите за време на лекувањето, обидете се со следниве препораки:

  1. Општи препораки
    • Планирајте ја прехраната однапред и не прескокнувајте оброци, дури и ако немате апетит.
    • Подгответе ги оброците однапред (ако имате можност, договорете со фамилијата и пријателите да ви подготват одредени оброци) и замрзнете ги во порции.
    • За време на денот јадете помали, но калорични оброци на секои два часа, со доволно протеини.
    • Бидете физички активни - со прошетка или лесни вежби ќе се чувствувате подобро и ќе го одржите апетитот.
    • Пред спиење додадете мал оброк кој ќе обезбеди енергија без чувство на тежина во стомакот.
  2. Фокус на високоенергетски и високопротеински намирници
    • Подгответе меѓуоброци на база на полномасно млеко, свежо сирење, јајца, павлака, мед, бисквити и овошје.
    • Освежете се со компот, шејкови или пире од овошје, јадете супа или користете готови нутритивни ентерални препарати.
  3. Справување со гадење и повраќање
    • Ако имате утринско гадење, пред да станете јадете двопек, чајни бисквити или крекери.
    • Избегнувајте масна, многу зачинета или тешка храна.
    • Пијте мали количини течности преку ден за да останете хидрирани.
    • На денот на терапијата јадете двопек, солени стапчиња, супи, овошни сокови, чаеви и готови ентерални препарати. Некои се чувствуваат подобро ако не јадат 2-3 часа пред терапијата, додека на некои им годи да земат мал оброк пред терапијата.
    • Ако започнете да повраќате на почетокот или неколку дена по почетокот на терапијата, немојте да јадете и пиете додека не престанете со повраќањето; потоа со мали голтки пијте рехидрирачки раствори или чај.
  4. Ублажување на проблемите со варењето
    • Ако имате потешкотии со голтање, чувство на горење и „кнедла во грлото“, консумирајте храна која лесно се голта (пудинг, сладолед, благи крем супи, меко месо, пире од компири, гриз).
    • Ако имате пролив, пијте доволно течности, вода, чај без шеќер и орални рехидрирачки раствори за надоместување на изгубените електролити.
    • Ако имате запек, консумирајте храна богата со влакна (овошје, зеленчук, мекини, житарици) и пијте доволно течности.
    • Ако млечниот шеќер – лактоза, ви создава проблеми со варењето (надуеност, грчеви), преминете на млеко и ферментирани млечни производи без лактоза или растителни млека.
  5. Ублажување на промените во мирисот и вкусот
    • Ако ви сметаат мирисите, обидете се да консумирате храна ладна на собна температура.
    • Ако се промени чувството за вкус, па храната ви е безвкусна или има метално-горчлив вкус, користете пластичен или дрвен прибор за јадење наместо метален, дополнително зачинете ја храната и маринирајте го месото неколку часа пред термичка обработка.
  6. Зголемување на внесот на течности
    • Внесувајте доволно течности, најдобро вода (1,5-2 л/дневно), вклучувајќи ги и деновите кога не консумирате храна. Пијте во мали голтки или со цевка.

За вашите потешкотии разговарајте со вашиот лекар, како и со нутриционист, кој може да ви помогне при изборот на соодветна храна и составување на план за прехрана. Секој онколошки пациент е уникатен, па е важно да се прилагоди прехраната на индивидуалните потреби и медицински совети. Советувањето со нутриционист може да биде корисно за составување на персонализиран план за прехрана.

Совети за прехрана по лекувањето

Со завршувањето на терапијата, проблемите со храната исчезнуваат и прехраната се воспоставува на принципите на разновидност и балансираност.
Еден од начините на исхрана кој покажува бројни здравствени бенефити е медитеранската исхрана, која вклучува консумирање: овошје, зеленчук, полнозрнести житарки, мешунки, јаткасти плодови, риба и морски плодови, бело месо од живина, умерена количина на јајца, млеко и млечни производи и ограничен внес на црвено месо.
При подготовка на јадењата се користат маслиново масло и медитерански зачини (босилек, оригано, темјан, рузмарин). Се препорачува употреба на локални и сезонски намирници, подготовка на храна дома и уживање во оброците заедно со фамилијата и пријателите.

Средна оцена:

3,1 (58 гласа)

Оцени:

Вашата оцена е евидентирана!