Shopping cart

Free Shipping for all orders over $200

Big Dumbbells
$120.00 x2
Vitamin Bottle
$80.00 x2

Subtotal:

$113.00
  • Следете нѐ:

MK

|

SQ

disabled_visible

Нутриција

Исхрана при анемија предизвикана од недостаток на железо

Анемијата предизвикана од недостаток на железо е најчестиот облик на анемија и настанува кога во крвта нема доволно железо. Во таков случај, организмот не произведува доволно хемоглобин – молекула во црвените крвни клетки која пренесува кислород. Без доволно хемоглобин, ткивата и органите не добиваат доволно кислород, што може да доведе до сериозни здравствени проблеми.
Почетните симптоми се благи, но со време се влошуваат и може да вклучуваат: замор, главоболки, раздразливост, грчеви во мускулите, бледа кожа, отежнато дишење, болен и отечен јазик, „вдлабнати“ нокти, забрзана работа на срцето, како и желба за јадење супстанци што не се храна (на пример земја). Недостатокот на железо кај децата може да го забави развојот, вклучително и когнитивните функции, и да предизвика проблеми во однесувањето.
Анемијата предизвикана од недостаток на железо најчесто може да се спречи со правилна исхрана.

Лица со зголемен ризик од недостаток на железо

  • Бремени жени – потребите за железо растат поради зголемувањето на волуменот на крвта
  • Доенчиња и мали деца – поради брзиот раст и развој имаат високи потреби за железо
  • Жени со обилни менструални крвавења – поради зголемената загуба на железо преку крвта
  • Чести дарители на крв – ризикуваат исцрпување на телесните резерви на железо
  • Онколошки пациенти – особено кај карцином на дебелото црево, поради хронична загуба на крв и други фактори како анемија предизвикана од хемотерапија и слаба исхрана
  • Лица со гастроинтестинални нарушувања – како целијакија, Кронова болест или по хируршки интервенции (гастректомија), кои предизвикуваат нарушена апсорпција на железо или загуба на крв
  • Лица со срцева слабост – можат да развијат анемија поради слаба исхрана, нарушена апсорпција на железо или загуба на крв предизвикана од лекови

Видови и извори на железо во исхраната

Во зависност од хемиската структура, железото во храната се дели на два основни вида: хем и не-хем железо.

1. Хем железо – се наоѓа во храна од животинско потекло и организмот го апсорбира лесно и ефикасно.

Храна од животинско потекло богата со железо:

  • Месо – говедско месо, говедски црн дроб
  • Живина – пилешко, мисиркино месо
  • Риба – туна, лосос, сардини

2. Не-хем железо – се наоѓа во растителна храна и се апсорбира послабо, но апсорпцијата се зголемува ако се комбинира со овошје и зеленчук.

Извори богати со не-хем железо:

  • Мешунки – леќа, грав, наут, соја, тофу, грашок
  • Лиснат зеленчук – спанаќ, блитва, брокула
  • Семки – од тиква
  • Јаткасти плодови – индиски ореви, ф’стаци
  • Сушено овошје – суво грозје, сушени кајсии
  • Житарки – киноа, ориз

Храна што ја зголемува апсорпцијата на железото

  1. Храна богата со витамин C – лимон, портокали, јагоди, пиперки, домати, киви
    • Витаминот C ја подобрува апсорпцијата на не-хем железо од растителни извори, формирајќи соединение кое организмот полесно го користи
    • Комбинацијата на растителни извори на железо со храна богата со витамин C е најдобра за искористување на железото
  2. Храна богата со витамин A и бета-каротен – моркови, слатки компири, тиква, темнозелен лиснат зеленчук
    • Витаминот A придонесува за нормален метаболизам на железото во телото
  3. Месо и риба – кога се додаваат во оброци што содржат растителни извори на железо, ја зголемуваат апсорпцијата на не-хем железото
    • Ефектот се постигнува со порција од околу 50 грама месо или риба

Храна што ја намалува апсорпцијата на железо

  • Млечни производи – содржат калциум кој го инхибира апсорбирањето на железото, па избегнувајте да јадете млеко, сирење или јогурт заедно со храна богата со железо или додатоци
  • Чај, кафе и какао – содржат танини и полифеноли кои ја попречуваат апсорпцијата на железо ако се пијат за време на оброк
  • Цели житарки и храна богата со влакна – содржат фитати кои ја намалуваат апсорпцијата на железо, освен ако не се комбинираат со храна богата со витамин C

Напомена: Одредени лекови како антациди, инхибитори на протонската пумпа и H2 блокатори ја намалуваат желудочната киселина и со тоа ја намалуваат апсорпцијата на железо.

Ако сте вегетаријанец или веган
  • Вегетаријанската и веганската исхрана може да обезбеди доволно железо ако е добро испланирана и содржи многу мешунки, овошје, зеленчук, јаткасти плодови и семки
  • Вегетаријанците не треба премногу да се потпираат на млечни производи и јајца како извори на железо, бидејќи не само што содржат малку железо, туку и ја намалуваат неговата апсорпција
  • Важно е да се комбинираат растителни извори на железо со храна богата со витамин C
  • Комбинирајте грав, тофу или спанаќ со домати, пиперки или малку лимонов сок
Суплементи на железо

Железо во форма на додатоци треба да се зема само ако е препишано од лекар, бидејќи прекумерниот внес може да има штетни ефекти врз здравјето – како стомачни тегоби, запек, мачнина, а во потешки случаи и оштетување на органи.

  1. „Iron“. Fact Sheet for Professionals. National Institutes for Health Office of Dietary Supplements. 9 октомври 2024. https://ods.od.nih.gov/factsheets/Iron-HealthProfessional/, пристапено на 11 април 2025.
  2. „Iron-deficiency anemia“. Cleveland Clinic, 11 декември 2024. Пристапено на 11 април 2025. https://my.clevelandclinic.org/health/diseases/22824-iron-deficiency-anemia
  3. EFSA Health Claim Register. Authorised health claims – Iron. Пристапено на 12 април 2025. https://ec.europa.eu/food/food-feed-portal/screen/health-claims/eu-register

Средна оцена:

3 (75 гласа)

Оцени: