Исхрана богата со протеини како нутритивна поддршка за заздравување на рани
Кога се соочуваме со повреди или хируршки интервенции, правилната исхрана станува клучна за успешно заздравување на рани. Еден од најважните аспекти на исхраната во тој процес е внесот на протеини. Протеините се градбени елементи на нашето тело и играат незаменлива улога во регенерацијата на ткивата, спречувањето на инфекции и забрзувањето на процесот на опоравување.
Зошто протеините се важни за заздравување на рани?
Раните настануваат како резултат на оштетување на кожата или подлабоките ткива. За да може телото да ги обнови оштетените клетки и да создаде ново ткиво, потребни се големи количества аминокиселини, основните состојки на протеините.
Протеините учествуваат во:
Изградба на ново ткиво: На пример, колагенот - главната компонента на сврзното ткиво, се состои од аминокиселини кои ги добиваме со внесување на протеини од растително или животинска потекло.
Имунолошки одговор: Протеините се клучни за производството на антитела и имунолошки клетки кои спречуваат инфекции.
Транспорт на кислород: Хемоглобинот, протеин во црвените крвни зрнца, обезбедува кислород потребен за заздравување.
Ензимска активност: Ензимите се протеини кои во организмот делуваат како биолошки катализатори, односно супстанции кои ги забрзуваат биохемиските реакции и поттикнуваат метаболички процеси неопходни за регенерација.
Колку протеини се потребни?
Препорачан дневен внес на протеини за здрава возрасна личност изнесува околу 0,8 грама на килограм телесна маса. Сепак, кај лица со рани или по хируршки интервенции, потребите за протеини значително растат. Препораките за лица во фаза на заздравување се движат меѓу 1,2 и 2 грама протеини по килограм телесна маса дневно, во зависност од големината и сериозноста на раната.
Пример: Личност која тежи 70 килограми треба да внесува помеѓу 84 и 140 грама протеини дневно.
Најдобри извори на протеини
За да обезбедите доволно протеини за заздравување на рани, вклучете разновидни извори на протеини во вашата исхрана (притоа водете сметка истовремено да не го зголемите внесот на заситени масти):
Месо и риба: Немасно пилешко, мисиркино, говедско месо, свинско месо се богати со висококвалитетни протеини, како и рибата, а масната риба како лосос, сардини, скуша и туна, дополнително е богата со корисни омега-3 масни киселини.
Млечни производи: Јогурт, сирење и млеко нудат лесно сварливи протеини, а се богати и со калциум кој има важна улога во бројни телесни функции, вклучувајќи ја и делбата на клетките.
Јајца: Висококвалитетен извор на протеини кој ги содржи сите есенцијални аминокиселини потребни на телото за опоравување.
Растителни извори: Мешунки (леќа, грав, наут), јатки, семки и производи од соја (тофу, темпе) се одличен извор на протеини, особено кога се комбинираат (исто така идеални се за вегани и вегетаријанци).
Додатоци на исхрана: Протеински прашоци или течни оброци можат да бидат корисни за лица кои имаат потешкотии со внесот на доволна количина на храна.
Други клучни нутриенти
Иако протеините се клучни, заздравувањето на раните бара балансирана исхрана која вклучува:
Витамин C: Помага во синтезата на колаген и го зајакнува имунолошкиот систем. Храна која содржи поголеми количини на витамин C вклучува цитруси, пиперки, брокула и јагоди.
Цинк: Учествува во делбата на клетките и обновата на ткивото. Добри извори се месото, јатките и интегралните житарици.
Витамин A: Потребен за обновување на епителните клетки. Се наоѓа во моркови, батати и темнозелени зеленчуци.
Омега-3 масни киселини: Имаат антивоспалителни својства кои можат да го забрзаат заздравувањето. Се наоѓаат, на пример, во масна риба, ленено семе и ореви.
Практични совети за исхрана
Планирајте ги оброците: Во секој оброк вклучете извор на протеини и разновидни намирници богати со витамини и минерали.
Јадете мали и чести оброци: Ако немате апетит, поделете ги оброците на помали порции за полесно внесување на потребните нутриенти.
Хидратација: Пијте доволно вода за да ја одржите оптималната хидратација, бидејќи водата е клучна за транспортот на хранливи материи и кислород.
Избегнувајте "празни" калории: Ограничете го внесот на преработена храна, слатки и газирани пијалаци кои се калорични, но нутритивно сиромашни и не придонесуваат за заздравување.
Кога да се обратите до стручњак?
Ако имате големи рани, хронични болести како дијабетес, или се соочувате со потешкотии во исхраната, обратете се до диететичар или нутриционист. Тие можат да ви помогнат да ја прилагодите исхраната на вашите индивидуални потреби и да обезбедат оптимално опоравување.
Оваа веб страница користи колачиња
Нашата веб страница користи колачиња. Покрај неопходните, може да користиме колачиња за функционалност, аналитика и маркетинг. Со кликнување на „Прифати“, се согласувате со употреба на сите колачиња.