Shopping cart

Free Shipping for all orders over $200

Big Dumbbells
$120.00 x2
Vitamin Bottle
$80.00 x2

Subtotal:

$113.00
  • Следете нѐ:

MK

|

SQ

disabled_visible

Нутриција

Безглутенска диета: совети за исхрана при целијакија

Целијакијата е болест на дигестивниот систем, предизвикана од имунолошката реакција на организмот од внесување на протеинот глутен, кој природно се наоѓа во пченицата, јачменот и ‘ржта.

Кај болните од целијакија, консумирањето глутен ја оштетува слузокожата на тенкото црево, предизвикувајќи симптоми како што се дијареа, губење на тежина, надуеност, замор, анемија, гадење, болки во стомакот и многу други здравствени компликации. Со уништувањето на цревните ресички доаѓа до намалена апсорпција на хранливите материи, така што организмот не добива хранливи состојки потребни за нормално функционирање, вклучувајќи раст и развој кај децата.

За целијакија не постои лек, но единствениот начин за лекување на слузокожата на цревата и за држење на симптомите под контрола е строго и трајно следење на безглутенска диета.

Храна и напитоци кои содржат глутен

Глутенот природно се наоѓа во житариците:

  • Пченица; вклучувајќи дурум и спелта, како и производи како што се гриз и брашно
  • Јачмен, вклучувајќи слад, екстракт од слад, сладен оцет и пивски квасец
  • ‘Рж и тритикале (мешавина од ‘рж и пченица)

Глутенот се наоѓа во храната која содржи состојки направени од овие житарки, вклучувајќи брашна, пецива, мешавини за печење, леб, житни снегулки и тестенини. Напитоците како пиво и ароматизирани ликери, како и пијалаци на база на слад, исто така можат да содржат глутен.

Храна без глутен

Исфрлањето на глутенот од исхраната изгледа како тежок предизвик, особено на почетокот. За среќа, постојат многу здрави и вкусни намирници кои природно не содржат глутен, па така базирањето на исхраната на нив е најдобро од економски и нутритивен аспект. Тоа се:

  • Сите видови месо, живина, јајца
  • Риба и морски плодови
  • Млеко (кравјо, козјо), ферментирани млечни производи без додатоци (јогурт, кефир, кисело млеко), павлака, сирење
  • Овошје и зеленчук, вклучувајќи компир
  • Грав и мешунки
  • Ореви и семиња
  • Житарки: пченка, ориз; псевдо-житарки: хељда, просо, киноа, амарант

Исто така, масти и масла, сол, бибер и зачини без додатоци, мед и шеќер, не содржат глутен (треба да се води сметка за ограничување на внесот на заситени масти и додадени шеќери).

Болните може да консумираат и специјални диететски производи со ознака „без глутен“, наменети специјално за оваа популација.

Што е со зоб?

Зобот се наоѓа во многу безглутенски производи (житни снегулки, колачиња, печива). Сам по себе, зобот не содржи глутен, но често е контаминиран со глутен затоа што се одгледува, преработува и транспортира заедно со пченица, јачмен и ‘рж. Иако протеинот во зобот (авенин) по структура личи на глутен, студиите покажуваат дека чистиот, неконтаминиран зоб не предизвикува имунолошки одговор кој доведува до оштетување на цревата кај пациенти со целијакија. Затоа секогаш треба да се избира зоб со ознака „без глутен“.

Скриени извори на глутен

Многу состојки на храна и адитиви како што се згуснувачите, скробовите, конзервансите, стабилизаторите, боите и аромите се произведени од житарки кои содржат глутен.

Овие состојки се додаваат во голем број на прехрамбени производи, вклучувајќи слатки, сосови, супи, виршли, колбаси и други месни преработки, млечни производи, сладолед, мешавини од житарки, јатки, семки, мешавини на зачини, преливи за салати и готови јадења.

Затоа, потребно е внимателно да се читаат декларациите на сите запакувани производи, вклучувајќи конзервирани, замрзнати или подготвени како готови јадења.

Совети како да се избегне внесот на глутен

  • При купување храна и додатоци на исхрана внимателно читајте ги декларациите за да проверите дали содржат житарки кои се извор на глутен или адитиви направени од овие житарици (внимавајте и на состојките во лековите и козметичките производи).
  • Направете список на дозволени намирници за полесно планирање на оброците и секојдневното пазарување.
  • Подгответе и складирајте безглутенска храна одделно од храната на другите членови на домаќинството (ако тие конзумираат храна со глутен), за да спречите нејзина контаминација.
  • Пред подготовката, темелно исчистете ги работните површини и садовите (најдобро е да ги измиете со детергент и да ги пребришете со алкохол).
  • Тостери, пекачи, кошнички за леб и места каде што се чува леб, користете исклучиво за безглутенски леб.
  • Не допирајте безглутенски намирници со кујнски прибор (или раце) со кои истовремено подготвувате храна која содржи глутен.
  • Дрвените прибори користете ги исклучиво за подготовка на безглутенска храна, бидејќи во засеците може да останат остатоци од брашно.
  • Не користете масло и вода кои претходно сте ги користеле за подготовка на јадења кои содржат глутен. Идеален пристап во подготовката на безглутенски јадења е одделен простор каде што се подготвува исклучиво безглутенска храна, бидејќи внесот на само 50 мг глутен (колку што се наоѓа во неколку трошки леб) има штетен ефект за поголемиот дел од болните.

Напомена

Ако сметате дека имате целијакија, не започнувајте со безглутенска диета додека не го направите тестирањето, бидејќи во спротивно резултатите од тестот можат да бидат погрешни.

Средна оцена:

3 (82 гласа)

Оцени: