Главоболката е честа здравствена состојба која може да има различни причини и облици. Постојат два основни типа на главоболки: примарна и секундарна главоболка.
Примарна Главоболка
Примарната главоболка се јавува во отсуство на било каква надворешн причина причина или основно заболување. Најчестите видови примарна главоболка се:
Мигрена – Втората најчеста форма на главоболка, која се јавува кај околу 15% од жените и 6% од мажите.
Тензиска главоболка – Најчеста форма на главоболка, која е поврзана со напнатост во мускулите на главата и вратот.
Кластер главоболка – Ретка, но интензивна главоболка која се јавува периодично во „кластери“ (групи на напади).
Секундарна Главоболка
Секундарната главоболка е резултат на некое основно заболување или состојба. Најчести причини за секундарна главоболка се:
Менингитис – Воспаление на мозочните обвивки.
Интракранијално крварење – Крварење во мозокот, како што е субарахноидално крварење.
Тумори на мозок – Голем број на тумори во мозокот може да предизвикаат притисок и главоболки.
Глауком – Зголемен очен притисок кој може да предизвика болка во главата.
Што е Мигрена?
Мигрената е главоболка која предизвикува силна пулсирачка болка, најчесто на едната страна од главата. Често е придружена со гадење, повраќање и осетливост на светлина и звук. Нападите на мигрена може да траат од неколку часа до неколку дена и може значително да го нарушат секојдневниот живот.
Некои луѓе доживуваат предупредувачки симптом наречен аура, кој се јавува пред или за време на мигрената. Аурата може да вклучува:
Визуелни нарушувања, како блесоци на светлина или црни точки.
Чувство на трнење во лицето, рацете или нозете.
Потешкотии со говорот.
Фази на Мигрената
Мигрената може да помине низ четири фази:
Продром – Се јавува еден до два дена пред главоболката и вклучува симптоми како запек, промени во расположението, зголемена потреба за мокрење, задржување на течности и зевање.
Аура – Кај некои луѓе се јавуваат визуелни или невролошки симптоми, како трнење и потешкотии во говорот.
Напад – Главоболката трае од 4 до 72 часа и вклучува пулсирачка болка, гадење, повраќање и осетливост на светлина и звук.
Постдром – По нападот, личноста може да се чувствува исцрпено, збунето или слабо.
Кога да се Побара Медицинска Помош?
Ако честопати имате главоболки, водете дневник на симптомите и консултирајте се со лекар. Иако мигрената не е опасна, во некои случаи главоболката може да укажува на сериозен здравствен проблем. Веднаш побарајте медицинска помош ако:
Главоболката е ненадејна и интензивна, како „гром од ведро небо“.
Главоболката е придружена со треска, вкочанет врат, конфузија, напади, двоен вид или слабост.
Сте имале повреда на главата и потоа развивате главоболка.
Имате хронична главоболка што се влошува при кашлање, напрегање или движење.
Имате нова главоболка по 50-годишна возраст.
Третман на Мигрена
Третманот на мигрена е насочен кон запирање на симптомите и спречување на идни напади.
Многу лекови се дизајнирани за третман на мигрена. Лековите што се користат при мигрена спаѓаат во две големи категории:
Лекови за ублажување на болката – Познати и како акутен или абортивен третман, овие лекови се земаат за време на нападот на мигрена со цел да се спречат симптомите.
Превентивни лекови – Овие лекови се земаат редовно, најчесто секојдневно, за да се намали зачестеноста или тежината на мигрената.
Нефармаколошки Третман (третман без лекови)
Одржување на здрав начин на живот.
Редовно вежбање и доволно спиење.
Избегнување на прекумерен внес на алкохол и кофеин.
Намалување на изложеноста на стресни ситуации.
Фармаколошки Третман (третман со лекови)
Нестероидни антиинфламаторни лекови (НСАИЛ) – Најефективни кога се земаат на почетокот на нападот, како што е ибупрофен (Бруфен), заедно со лекови против повраќање.
Триптани (Zolmitriptan, Sumatriptan) – Лекови на избор кај силни и онеспособувачки напади на мигрена.
При мигренозен напад, најпрво се препорачува одмор во тивка, темна просторија. За полесна мигрена, најчесто се препорачуваат нестероидни антиинфламаторни лекови во комбинација со антиеметици. Кај потешки и онеспособувачки напади, триптаните се прва линија на терапија.
Редовното следење на симптомите и навременото реагирање може да помогне во ублажување на нападите на мигрена и подобрување на квалитетот на животот на пациентите.