Радиологијата е гранка на медицината која користи различни типови на снимки за дијагностицирање и понекогаш лекување на болести во човечкото тело. Благодарение на напредната технологија, радиологијата игра клучна улога во современата медицина, помагајќи им на лекарите да добијат прецизна слика за состојбата на органите, коските, мускулите и другите структури во телото – без да има потреба од хируршка интервенција.
Видови на радиолошки испитувања
Радиологијата опфаќа неколку различни типови на сликање, меѓу кои најчесто користени се:
Рентген (X-ray) – Најстарата и најчесто користената метода. Најчесто се користи за преглед на коски, бели дробови, и забни проблеми.
Компјутеризирана томографија (CT) – Комбинира повеќе рентген снимки за да создаде детална 3D слика на телото. Се користи за дијагноза на тумори, инфекции, повреди и други состојби.
Магнетна резонанца (MRI) – Користи магнетно поле и радиобранови за создавање детален приказ на меки ткива, мозокот, ‘рбетот и зглобовите.
Ултразвук (сонографија) – Користи звучни бранови за создавање слики. Често се користи при бременост, но и за испитување на срцето, бубрезите и абдоменот.
Нуклеарна медицина (на пример, PET скен) – Вклучува инјектирање на радиоактивни материи за да се види како функционираат органите (на пр. срцето или тироидната жлезда).
Кога е потребна радиологија?
Вашиот лекар може да препорача радиолошки преглед во различни состојби:
Дијагноза на симптоми: Aко чувствувате болка, оток, трнење, слабост или други необјасниви симптоми, радиолошките испитувања можат да помогнат да се открие причината. На примери при болка во градите се прави рентген или CT на белите дробови за да се исклучи пневмонија, тромб или срцева болест; при главоболка или вртоглавица може да се направи MRI или CT на мозокот за да се провери за тумори, крварење, инфекции; при болка во абдоменот се користи ултразвук, CT или MRI за да се испитаат органите како слепо црево, жолчка, црн дроб или јајници
Следење на состојби: Кај пациенти со хронични или сериозни болести, радиологијата помага во следење на напредокот или реакцијата на третманот.Кај пациенти со рак се користи CT или PET скен за да се следи дали третманот е ефикасен, кај лицa со срцева слабост се користи ултразвук на срце за следење на функцијата на срцевиот мускул.
Пред и по операција: Пред операција, лекарите често користат радиолошки слики за прецизно да го планираат зафатот, да го визуелизираат органот или туморот и да избегнат компликации и по операцијата за да се процени резултатот.
Ран скрининг: Некои радиолошки прегледи, како мамографија, се користат за рано откривање на болести кај асимптоматски пациенти или колоноскопија за скрининг рак на дебелото црево,
Траума и повреди: Во случај на пад, сообраќајна несреќа или спортска повреда, овие испитувања помагаат да се откријат скршеници или внатрешни повреди.
Дали радиолошките прегледи се безбедни?
Најголемиот дел од радиолошките испитувања се безбедни. Меѓутоа, некои како рентген и CT користат јонизирачко зрачење, кое може да биде штетно ако се користи прекумерно. Затоа, секој преглед се прави само кога е медицински оправдан. Магнетната резонанца и ултразвукот не користат зрачење и се сметаат за многу безбедни, дури и за бремени жени.
Ако ви се препорачува радиолошки преглед, важно е да го информирате вашиот лекар ако сте бремени, доите или имате метални импланти.
Кој ги толкува резултатите?
Радиолозите се специјалисти кои се обучени да ги читаат и толкуваат сликите. Тие подготвуваат извештај кој потоа се испраќа до вашиот матичен лекар или специјалист, кој ќе ви ги објасни резултатите и ќе ви помогне во понатамошното лекување, ако е потребно.
Зошто е важна радиологијата?
Радиологијата овозможува рано откривање на бројни сериозни заболувања, вклучувајќи рак, инфекции, васкуларни проблеми и трауматски повреди. Раната дијагноза често значи поефикасен третман и подобра прогноза.
Заклучок
Радиологијата е незаменлив дел од современата медицина. Безболна, прецизна и релативно безбедна, таа нуди јасен поглед во внатрешноста на телото и помага при донесување на важни здравствени одлуки. Ако вашиот лекар ви предложи радиолошки преглед, тоа е затоа што има добра причина – доверете се на процесот и прашајте сѐ што не ви е јасно.
Mayo Clinic Staff. “Radiology: What it is and what to expect.” Mayo Clinic,www.mayoclinic.org.
Radiological Society of North America (RSNA). “RadiologyInfo.org – For Patients.”www.radiologyinfo.org.